СОВЕТ НА ЕВРОПА

ЕВРОПСКИ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

ТРЕТИ ОДДЕЛ¹

 

ЈАШАР ПРОТИВ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

(Жалба бр. 69908/01)

 

 

ПРЕСУДА

 

СТРАЗБУР

15 февруари 2007

 

Оваа пресуда ќе стане конечна во согласност со условите предвидени во член 44 став 2 од Конвенцијата. Истата може да биде предмет на редакциски измени.

 Напомена: Македонскиот превод на текстот на одлуката на Европскиот суд за човекови права е исклучиво информативен и од него не произлегуваат никакви права и/или обврски. Единствено официјалниот текст на одлуката на Европскиот суд за човекови права на англиски и/или француски јазик, објавена од страна на Судот е автентичен и се смета за оригинал. Не е дозволено објавување на овој превод на било каков начин без претходна дозвола од страна на Министерството за правда на Република Македонија, освен во случај доколку се користи за информирање.

 

_____________________________

 

¹ Во неговиот состав пред 1 април 2006 година

 

 

            Во предметот Јашар против Република Македонија.

            Европскиот суд за човекови права (Трети оддел¹) , заседавајќи во Совет составен од:

 

            Mr        B.M. Zupančič, Претседател,
            Mr        J. Hedigan,
            Mr        L. Caflisch,
            Mr        C. Bîrsan,
            Mrs      M. Tsatsa-Nikolovska,
            Mrs      R. Jaeger,
            Mr        E. Myjer,
судии,
и Mr V. Berger, секретар на одделот,

             

            Расправајќи на затворена седница на 19 јануари 2006 и 25 јануари 2007 година,

            Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истот датум:

 

 

ПОСТАПКА

 

  1. Предметот бил инициран со жалба (бр. 69908/01) против Република Македонија, поднесена до Судот согласно член 34  од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи (во понатамошниот текст „Конвенцијата„), од страна на македонскиот државјанин, Г-дин Перјушан Јашар (во понатамошниот текст „жалителот„), на 1 февруари 2001 година.
  2. Жалителот беше застапуван од г-ѓица А.Данка од Европскиот Центар за заштита на Ромите (во понатамошниот текст „ЕРРЦ) и г-дин Ј. Маџунаров (во понатамошниот текст „македонскиот адвокат„), адвокати кои работат во Будимпешта и Штип, соодветно. Владата на Република Македонија беше застапувана од нејзиниот агент, г-ѓа Р.Лазареска Геровска.
  3. Жалителот тврди дека бил малтретиран од страна на полицијата, истакнал дека не била спроведена ефикасна истрага и дека немал на располагање ефикасен правен лек против неактивноста на јавниот обвинител.
  4. Со одлука од 11 април 2006 година, Судот ја прогласил жалбата за допуштена.
  5. Страните писмено одговорија на обсервациите на спротивните страни.
  6. Јавната расправа се одржа во Зградата на човекови права, Стразбур, на 19 јануари 2006 година ( Правило 59 § 3 ).  

 

______________

 

¹ Во неговиот состав пред 1 април 2006 година

 

 

 

 

      Пред Судот се јавија:

 

 (а) За Владата

      Г-ѓа Р.Лазареска Геровска , Агент

      Г-дин Т.Стојановски, Експерт;

 

 (б) за жалителот

      Г-ѓа Д.Пост, советник,

      Г-ѓица А.Данка, Адвокат,

      Г-дин Ј.Маџунаров, Адвокат од Македонија.

 

  1. Судот ги сослуша обраќањата на г-ѓа Лазареска Геровска и г-ѓа Пост и нивните одговори на поставените прашања од страна на судиите.

 

 

ФАКТИЧКА СОСТОЈБА

 

I ОКОЛНОСТИ

     

  1. Жалителот е роден во 1965 година и живее во Штип, Република Македонија.

 

1.    Инцидентот

 

(а) Верзија на жалителот за настаните

 

  1.   На 16 април 1998 година, околу 21.00 часот, жалителот и неговиот пријател Ф.Д., државјани на Република Македонија со Ромско етничко потекло, биле излезени во бар во центарот на Штип. На другиот крај од барот, двајца луѓе се коцкале. Човекот кој изгубил, извадил пиштол, испукал неколку куршума во воздух и еден во под и си ги барал парите назад. Сите присутни во барот, вклучувајќи го и жалителот и неговиот пријател, се обидувале да излезат, но било невозможно, поради тоа што излезот бил блокиран од гужвата која се направила.
  2. Во меѓувреме, на местото на инцидентот дошле пет полицајци, кои се насочиле кон жалителот и неговиот пријател. Еден од полицајците го фатил жалителот за коса и го турнал во полициското комби, додека друг полицаец го зграпчил пријателот за рака и му ја свртел зад грб. Веднаш потоа, биле однесени во локалната полициска станица, каде биле сместени во две посебни ќелии.
  3. Жалителот стои на фактот дека околу полноќ еден од горенаведените полицајци дошол во ќелијата и му кажал да се наведне. Жалителот укажува дека полицаецот го тепал по глава, што предизвикало крвавење од устата. Како што паднал на подот, полицаецот го зграпчил за коса и наводно почнал дивјачки да го удира со тупаници и со палка. Понатаму, жалителот укажува дека друг полицаец, кој наводно го тепал неговиот пријател во друга ќелија, дошол во неговата ќелија и продолжил да го тепа сé до 5 часот изутрина. Потоа, биле однесени во канцеларија, каде биле испитани во врска со инцидентот. По составувањето на извештајот, во 11.00 часот следниот ден полицијата ги пуштила на слобода жалителот и неговиот пријател.
  4. По пуштањето на слобода, жалителот отишол во Амбулантата за брза помош во Општата Болница во Штип и побарал медицинска помош. Медицинската потврда од 17 април 1998 година, издадена од докторот кој го прегледал жалителот, укажува на тоа дека жалителот претрпел неколку лесни телесни повреди. Во продолжение, со потврдата се докажува дека жалителот укажал дека бил тепан во полициската станица со палка и дека бил удиран по целото тело. Медицинската потврда не го определува со точност можното потекло на повредите, времето на нанесување на повредите, или начинот на кој биле нанесени.
  5. Жалителот доставил исечок од весник заедно со неговата изјава во врска со инцидентот, во која не тврдел дека бил тепан за време на инцидентот во барот. Во весникот се наоѓа и фотографија од него со отечено десно око.
  6. Жалителот и неговиот пријател никогаш не биле обвинети за било какво кривчно дело во врска со предметниот инцидент.

 

(б) Верзија на Владата за настаните

 

  1.  На 16 април 1998 година, помеѓу 21.00 и 22.00 часот, жалителот и Ф.Д. дошле во кафе барот „Лотус„. Тие биле дел од групата која гледала двајца како се коцкаат со коцки. Некаде околу 02 часот по полноќ на 17 април , еден од луѓето кој изгубил, тврдел дека коцката му била наместена и си ги барал парите назад. Почнала расправија, во која жалителот и Ф.Д. учествувале. Кога, одреден Ј.Н. извадил пиштол и пукал, Ф.Д. го соборил на земја и пиштолот паднал на земја. Околу 2.30 часот, по полноќ, по пријава за пукање од огнено оружје, на лице место дошла полицијата. Во меѓувреме,  во барот имало одреден прекин, при што неколку луѓе излегле надвор. Увидот на полицијата на местото на инцидентот траела до 4.30 часот.
  2. Полицијата го привела М.С., кој бил претходно пријавен во полиција. Жалителот и Ф.Д. , кои во спорот застанале на страната на М.С. , ú попречиле на полицијата и му овозможиле на М.С. да побегне. Исто така, Ф.Д. навредил еден полицаец. Тогаш полицијата решила сите присутни да ги приведе во полициската станица, вклучувајќи го и жалителот.
  3. Во 5 часот  жалителот и Ф.Д. биле испитани во полицијата. Биле ослободени утрото во 7.30 часот. Не била употребена сила против жалителот за време на испитувањето, ниту пак истиот во полициската станица се пожалил на некаква злоупотреба од страна на полицијата или на некаква повреда која ја претрпел. Против него не била поведена никаква постапка.

 

 

2.    Кривичната истрага

 

  1.  На 25 мај 1998 година жалителот, преку неговиот полномошник, поднеле кривична пријава до Основното Јавно обвинителство во Штип против непознат полициски службеник согласно член 143 од Кривичниот законик (Види Релевантно домашно законодавство). Во кривичната пријава, жалителот ја образложил фактичката состојба и навел дека бил малтретирал од полицаец  додека бил приведен во полицијата. Тој барал од Јавното обвинителство да поведе законска постапка. Медицинската потврда од 17 април 1998 година била доставена во прилог како доказ на неговите тврдења.
  2. На 28 мај 1999 година полномошникот на жалителот доставил допис до Основното јавно обвинителство Штип, укажувајќи на тоа дека кривичната пријава на жалителот била доставена пред повеќе од година и дека од тогаш истиот нема примено информација, ниту имал сознанија дали се спроведени одредени дејствија од страна на Јавниот обвинител во Штип за утврдување на идентитетот на сторителите и иницирање на формална истрага.
  3. Со оглед на тоа што немало одговор, на 25 октомври 1999 година, полномошникот на жалителот доставил уште еден допис до Основниот Јавен обвиниетл, барајќи информација за било какво дејствие превземено од страна на Обвинителството во врска со предметот на жалителот. Тој не укажал на граѓанската постапка која завршила и не го информирал Јавниот обвинител за идентитетот на полицајците кои зеле учество во инцидентот, што всушност било утврдено во граѓанската постапка. 
  4. Во дописот од 11 ноември 1999 годин Основниот Јавен обвинител Штип доставил информација дека Обвинителството постапувало по кривичната пријава преку барање за дополнителни известувања од страна на Министерството за внатрешни работи (во понатамошниот текст „Министерството„). Како и да е, до денес Обвинителството нема добиено известување од страна на Министерството.
  5. Со оглед на тоа што, жалителот нема добиено ниту една нова информација за било какво дејствие од страна на надлежното јавно обвинителство, постапката во врска со кривичната пријава сé уште трае.

 

3.    Граѓанската  постапка

 

  1. на 25 мај 1998 година, жалителот поднел тужба за надомест на штета против државата и Министерството, за нематеријална штета која ја претпрпел како резултат на повредата добиена за време на приведувањето во полицијата. Тој ја навел истата изјава како и во кривичната пријава, односно дека по пристигнувањето на полицајците во барот, еден од нив го фатил за коса и  го турнал во полициското комби; дека во полициската станица му било кажано да прави склекови и дека бил удиран по глава, што предизвикало крвавење од устата, и дека бил удиран и тепан со палка по целото тело.
  2. Владата изјави дека во декември 1998 година, постапувајќи по граѓанската тужба, Јавниот правобранител побарал информација од Министерството во врска со инцидентот. Во јануари 1999 година, полицијата доставила извештај составен врз основа на службени белешки и записници, укажувајќи дека полицијата не употребила сила во станицата, дека тие интервенирале и го ставиле жалителот во полициското комби, откако тој и неговиот пријател се спротивставиле на приведувањето и неговиот пријател нападнал друго лице. Полицијата дополнила дека не била употребена сила против жалителот, ниту дека истиот за време на приведувањето вложил одредена поплака во врска со повредите кои наводно ги добил за време на полициската интервенција во барот. Во прилог на полицискиот извештај, бил доставен и записникот од изјавата на жалителот во полициската станица. Никаква поплака од негова страна за наводна злоупотреба или повреди не биле дадени на тој записник.
  3. На 22 март 1999 година Основниот суд Штип го одбил како неосновано тужбеното барање на жалителот. Судот ги извел доказите, вклучувајќи ги исказите на Ф.Д. и на неколку полициски службеници кои зеле учество во инцидентот, за време на полициската рација. Исто така, го извел како доказ исказот на докторот-специјалист, кој го објаснил неговото вештачење во врска со повредите на жалителот, наведени во медицинската потврда. Како што било истакнато од страна на жалителот, биле констатирани следниве повреди: удар на тилот; контузија на левото око; отечен и помодрен лев образ; помодрена долна страна од градите и удар на десната рака. Тој тврдел дека повредите веројатно биле направени од тап предмет, како што е рака или алат и дека не бил потребен посебен третман за лекување на жалителот. Судот, исто така, како доказ ја извел медицинската потврда од 17 април 1998 година и фотографиите кои ја покажувале состојбата на жалителот по инцидентот.
  4. Судот нашол како неспорно дека жалителот бил повреден, но утврдил дека немало доказ дека повредите биле нанесени поради полициска бруталност. Судот востановил дека жалителот претрпел одредени повреди, но заклучил дека не може со точност да се утврди под какви околности тие биле нанесени, или од кој и кога.   Врз основа на исказите на полициските службеници, судот утврдил понатаму дека жалителот претрпел одредени повреди на главата и окото пред да биде приведен во полицијата. Утврдил дека повредите или биле нанесени за време на тепачката во барот (додека жалителот му помагал на лицето да побегне, а кое пукало и предивикало неред) или биле резултат на легитимната акција на полицијата во обидот да го задржат жалителот, кој се спротивставил на апсењето. Судот заклучил дека, земајќи ги во предвид исказите на полициските службеници кои учествувале во полициската рација и полицискиот извештај за инцидентот, дури и полицајците да употребиле некаква сила во барот и предизвикале повреди,  жалителот не би можел да се жали на повреда, откако пружал отпор при приведувањето и при тоа околностите на случајот дозволиле употреба на сила. Судот го одбил како неоснован аргументот на жалителот дека тој не бил во состојба да се подложи на медицинско испитување веднаш по пуштањето на слобода поради недостаток на финансиски средства, поради тоа што ова било контрадикторно со содржината на медицинската потврда од 17 април 1998 година.
  5. На 29 април 1999 година жалителот изјавил жалба.
  6. На 5 октомври 1999 Апелациониот суд Штип ја одбил жалбата на жалителот како неоснована. Судот утврдил дека понискиот суд неспорно нашол дека жалителот претрпел одредени повреди пред да биде приведен во полициската станица и дека полицајците не му нанеле повреда. Судот заклучил дека понискиот суд оправдано утврдил дека државата не може да се смета за одговорна и ја одбил жалбата како неоснована.
  7. На 4 февруари 2000 година жалителот поднел молба до Јавниот обвинител  да поднесе до Врховниот суд барање за заштита на законитоста. И покрај исходот на граѓанската постапката, тој не го известил Јавниот обвинител за идентитетот на полицајците кои наводно го тепале и кои дале исказ во текот на граѓанската постапка.
  8. На 1 март 2000 година Јавниот обвинител го одбил барањето на жалителот.

 

II РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ЗАКОНОДАВСТВО

 

  1.  Член 143 од Кривичниот законик определува дека тој којшто во вршењето на службата малтретира друг, го застрашува, го навредува или воопшто спрема него постапува на начин со кој се понижува човечкото достоинство и човековата личноаст, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
  2. Релеватните одредби од Законот за кривична постапка можат да се сумираат како што следи:
  3. Член 16 определува дека кривичната постапка се поведува по барање од овластениот тужител. За дела за кои се гони по службена должност или по предлог на оштетениот, овластен тужител е јавниот обвинител, а за дела за кои се гони по приватна тужба овластен тужител е приватниот тужител. Ако јавниот обвинител најде дека нема основ за поведување или продолжување на кривичната постапка, на неговото место може да стапи оштетениот како тужител под условите определени со овој закон.
  4. Член 17 утврдува дека Јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, освен ако со овој закон поинаку не е определено (принцип на законитост).
  5. Во согласност со член 42, а во врска со извршување на ова статусно право и обврска, јавниот обвинител е овластен да презема потребни мерки во врска со откривањето на кривичните дела и со пронаоѓањето на сторителите и заради насочување на преткривичната постапка; да бара спроведување на истрага; да го подига и застапува обвинителниот акт, односно обвинителниот предлог пред надлежниот суд; да изјавува жалби против неправосилните судски одлуки и да поднесува вонредни правни лекови против правосилните судски одлуки.
  6. Член 56 определува, inter alia, дека кога јавниот обвинител ќе најде дека нема основа да го преземе гонењето за кривично дело за кое се гони по службена должност, или кога ќе најде дека нема основа да го преземе гонењето против некој од пријавените соучесници, должен е во рок од осум дена за тоа да го извести оштетениот. Исто така, должен е да го упати оштетеното лице дека може самиот да го превземе гонењето.
  7. Член 144(1) пропишува дека Јавниот обвинител со решение ќе ја отфрли пријавата ако од самата пријава произлегува дека пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност, ако настапила застареност или делото е опфатено со амнестија или помилување, ако постојат други околности што го исклучуваат гонењето или ако не постојат основи на сомнение дека пријавениот го сторил кривичното дело. За отфрлање на кривичната пријава, јавниот обвинител му доставува на оштетениот примерок од решението и причините за отфрлањето. со поука дека има право во рок од осум дена од приемот да го преземе кривичното гонење (член 56), а доколку пријавата е поднесена од Министерството, тој благовремено ќе го извести истото.
  8. Член 144(2) определува дека ако јавниот обвинител не може да оцени од самата пријава дали се веројатни наводите на пријавата или ако податоците од пријавата не даваат доволно основа да може да одлучи дали ќе бара спроведување истрага или ако до јавниот обвинител само допрел глас дека е извршено кривично дело, а особено ако извршителот е непознат, јавниот обвинител, ако не е во можност тоа да го преземе сам или преку други органи, ќе бара од Министерството за внатрешни работи да соберат потребни известувања и да преземат други мерки заради откривање на кривичното дело и на сторителот. Јавниот обвинител може во секое време да бара од Министерството информација за превземените мерки.
  9. Член 148 пропишува, inter alia, дека кога сторителот на кривичното дело е непознат, јавниот обвинител може да побара Министерството за внатрешни работи да преземе одделни истражни дејствија, ако со оглед на околностите на случајот, би било целесообразно и пред поведувањето на истрагата да се превземаат такви дејствија.
  10. Член 150 утврдува дека истрага се поведува против определено лице кога постои основано сомневање дека сторило кривично дело.

 

 

 

ПРАВО

 

I НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА

 

  1.  Жалителот се жали согласно член 3 од Конвенцијата дека тој бил предмет на полициска бруталност, при што кај него предизвикала психичко и ментално страдање поради тортура, нечовечки и/или деградирачки третман. Понатаму, тој навел дека бил жртва на процедурална повреда на погоре споменатиот член, поради тоа што Јавното обвинителство не успеало да спроведе ефективна или било каква официјална истрага способна да го открие идентитетот на полицајците и да ги казни оние кои биле одговорни за таквото постапување. Член 3 гласи:

 

„Никој нема да биде предмет на тортура или на нечовечки и деградирачки третман или казна.„

 

 

            А. Поднесоци од страните

 

            1. Владата 

 

  1. Владата тврди дека наводите на жалителот се неверодостојни и неосновани. Исказите дадени во полицијата и официјалниот записник се контрадикторни во споредба со верзијата на жалителот за настаните, вклучувајќи го и времето кога се случил инцидентот, неговата улога во него, и лесните повреди утврдени по наводната вечер кога бил тепан. Жалителот и неговиот пријател не биле пасивни набљудувачи, туку активни учесници во расправијата и попречиле на полицијата во нивниот обид да го приведат коцкарот. Полицијата била обврзана да употреби допустлива сила за да спречи понатамошен неред и да воспостави ред. Лесните телесни повреди утврдени од страна на докторот биле веројатно како последица на гужвата помеѓу учесниците во барот, пред пристигнувањето на полицијата или како последица на неопходната интервенција од полицијата. Нема докази за наводна употреба на сила во полициската станица.
  2. Исто така, Владата укажа дека жалителот не бил почитуван граѓанин, дека не бил прогонет од страна на полицијата поради неговиот Ромски идентитет, туку всушност тој бил престапник со дебело криминално досие. Помеѓу 1985 и 1998 година, биле поднесени 11 кривични пријави против него, од кои 8 биле за дела против сопственоста, 2 напади и една поради нарушување на јавниот ред. Жалителот примил 4 пресуди со казна затвор, од кои една била суспендирана, при што во 2002 година била поднесена уште една кривична пријава за нанесување на телесни повреди.  Во врска со истрагата во врска со која е поднесена жалбата, Владата истакна дека тој самиот ја направил неефикасна, поради тоа што не ги искористил соодветните правни средства и не обезбедил конкретни докази или факти во врска со наводната повреда. Доколку ги искористил можните средства кои му биле на располагање во временскиот рок, ефективната истрага ќе вродила со плод (ќе забележила успех). Тие се задржале на фактот дека жалителот ниту го покренал прашањето дека бил тепан за време на испитувањето во полициската станица ниту пак, го пријавил малтретирањето во деновите кои следувале. Истрагата сеуште траела, поради тоа што јавниот обвинител не донел одлука за одбивање на кривичната пријава.

 

2. Жалителот

 

  1. Жалителот укажал дека тој бил предмет на полициска бруталност, при што кај него предизвикало неколку телесни и ментални страдања, како резултат на тортурата или нечовечкиот и деградурачкиот третман или казна. Како резултат на физичката злоупотреба за време на приведувањето во полицијата, останува на Владата да докаже дека нејзините службеници не се одговорни за неговите повреди. Тие не го сториле тоа. Нивната верзија на настаните е контрадикторна со исказот на Ф.Д., единствениот независен сведок, и медицинската потврда издадена од болницата, која утврдува дека жалителот претрпел бројни сериозни повреди на главата, рацете и грбот. Со ништо не може да се докаже дека жалителот зел учество во било каква физичка конфронтација или било каков отпор спрема полицијата. Интерните полициски службени белешки биле пристрасни и ја немале потребната полноважност. При разгледување на тужбеното барање, судовите, едноставно го игнорирале доказот и ја поткрепиле одлуката единствнео на полициските докази и извештаи, кои биле несомнено површни, неконзистентни и контрадикторни еден на друг.
  2. Исто така, жалителот  се осврнал на извештајот на Европскиот Комитет за превенција на тортура и нечовечки и деградирачки третман или казна (CPT) во врска со посетата на Република Македонија од 15 до 19 јули 2002 (CPT/Inf(2003) , што укажува дека физичкото малтретирање на лица во полициски притвор е сериозен проблем и се појавува сомнеж дали судиите и обвинителите спроведуваат ефикасни истраги каде таквото малтретирање доаѓа до израз. Ова укажува на длабоко вкоренета и широко распространета пракса на малтретирање во полицискиот притвор и имунитет за полицајците кои ги извршуваат таквите дела. Беше оставено на Владата да покаже дека одговориле со иста мера и сериозност кон конкретниот проблем. Во конкретниот предмет, јасно е дека не сториле ништо. На крај, жалителот ги оспорил сите расположливи правни лекови кои не можеле да обезбедат оштета за неактивноста на надлежните органи.

 

 

 

 

Б. Проценка на Судот

 

1.    Во врска со наводното малтретирање

 

) Генерални принципи

 

  1.  Како што укажал Судот во многу прилики, член 3 го заштитува еден од најосновните вредности во демократските општества. Дури и во најсложените околности, како што е борбата против тероризмот и организираниот криминал, Конвенцијата во апсолутна смисла забранува тортура и нечовечко или деградирачко однесување или казна. Како и другите суштински клаузули од Конвенцијата и Протоколите 1 и 4, член 3 не дозволува исклучоци и дерогација од неговата допустливост согласно член 15 § 2 дури и во настан од јавна итност, заканувајќи се за опстанокот на нацијата ( види Boicenco v. Moldova, бр. 41088/05, § 102, 11 јули 2006; Labita v. Italy, бр. 26772/95, § 119, ЕСЧП 2000-IV; Selmouni v. France, бр. 25803/94, § 95, ЕСЧП 1999-V; Assenov and Оthers v. Bulgaria, пресуда од 28 октомври 1998 година, Извештај за пресуди и одлуки 1998-VIII, стр.3288, § 93, Chahal v. the United Kingdom, пресуда од 15 ноември 1996, Извештај 1996-V, § 79).
  2. Судот повторува дека малтретирањето мора да постигне минимално ниво на јачина во рамките на член 3. Оценката на овој минимум е релативна: зависи од сите околности на случајот, како што е траењето на малтретирањето, физичките и/или психичките ефекти и , во некои случаи,  полот, годините и состојбата на здравјето на жртвата. (види V. v. the United Kingdom, бр.24888/94, § 70, ЕСЧП 1999-IX; Raninen v. Finland, пресуда од 16 декември 1997, Извештај 1997-VIII, § 55; Labita, пресуда цитирана погоре, §120; Tekin v. Turkey, пресуда од 9 јуни 1998, Извештај 1998-IV, str.1517, § § 52 и 53; Assenov and Others, цитирана погоре, стр.3288, § 94; Ilhan v. Turkey, бр.22277/93, § 84, ЕСЧП 2000-VII).
  3. Тврдењата за нечовечкото однесување мора да бидат поткрепени со соодветен доказ (види, mutatis mutandis, Klaas v. Germany, пресуда од 22 септември 1993, Серија А бр.269, стр.17-18, § 30). За оценување на овој доказ, Судот усвои стандард „над основаното сомневање„ но додава дека таков стандард може да следи поради коегзистенцијата од доволно строги, јасни и сложени заклучоци или слични непобитни фактички претпоставки. (види Lаbita, цитирана погоре, § 121; Ireland v. the United Kingdom, пресуда од 18 јануари 1978, Серија А бр. 25, стр.64-65, § 161).
  4. Понатаму, повторува дека не е во природата на Судот да ја замени својата проценка на фактите со оние на домашните судови и, како генерално правило, останува на самите судови да ги проценат овие докази (Види, Klaas, цитирана погоре, § 29).

 

 

 

 

 

(б) Примена на овие принципи во конкретниот предмет

 

  1. Осврнувајќи се на конкретниот предмет, Судот на почетокот определува како неспорно дека како резултат на ерупција на кавга биле испукани неколку пукотници. Имало прекин во барот и пукотниците всушност ја предизвикале полициската интервенција. Судовите во граѓанската постапка ова го потврдуваат во нивната фактичка состојба. Ова не беше оспорено од ниту една страна.
  2. Судот исто така најде како непобитно дека жалителот претрпел одредени повреди. Ова беше подржано од медицинската потврда и утврдено од судот во граѓанската постапка. Домашните судови, како и да е, го одбиле тужбеното барање поради начинот на кој биле нанесени повредите.  При донесувањето на заклучокот дека жалителот можеби ги здобил повредите во барот, или како резултат на кавгата или за време на спротивставување на приведувањето и дека полицајците не употребиле прекумерна сила , надлежниот суд, поединечно, имал можност да земе исказ од различни сведоци, и да ја вреднува нивната веродостојност. Исто така, тој извел доказ од специјалист доктор во врска со повредите на жалителот како што биле наведени во медицинската потврда, кои само го определиле изворот на повредите – тап предмет, т.е. рака или алат. А во врска медицинската потврда, Судот нотира дека истата била кратка и не успеала да даде било какво мислење во врска со причината на повредите. Понатаму утврдува дека наоѓањата на докторот дадени за време на судењето се контрадикторни со сликата на жалителот, на кои се гледаат повредите на лицето направени пред тоа ( види параграф 13 погоре).
  3. Спротивно на верзијата на Владата за настаните, кои се во согласност со наодот на судот во граѓанската постапка, жалителот укажал дека повредите биле предизвикани од малтретирањето кое го претрпел за време на приведувањето во полицијата. Жалителот укажа на ова во два наврати, во жалбата и во одговор на писмените опсервации на Владата. Исто така, за време на јавната расправа на 19 јануари 2006 година, жалителот истакна дека тој бил тепан во барот од страна на полицијата, пред да биде приведен. Понатаму, тој се осврна на таа верзија и во неговиот поднесок од 7 јуни 2006 година, во врска со барањето за правичен надомест. Во оваа насока, дури и да претпоставиме дека тој се жалел дека бил тепан во барот, Судот смета дека тој не успеал да го покрене ова прашање ниту во граѓанската постапка пред судовите ниту пред јавниот обвинител. Понатаму, во медицинската потврда било забележано дека жалителот изјавил дека повредите ги здобил за време на приведувањето во полицијата.
  4. Како и да е, Судот, приметува дека не се истакнати убедливи елементи во граѓанската постапка, кои можат да ги доведат во прашање наодите на домашните судови и да ги подржат тврдењата на жалителот. Неконзистентноста на неговите повреди и околностите под кои се здобил со нив, го поткрепуваат тој заклучок. Понатаму, утврдува дека 8 години по овие настани, првенствено поради неактивноста на домашните органи и неволноста да се спроведе ефикасна истрага за тврдењата на жалителот, Судот не е во можност да утврди која верзија на настаните е поверодостојна ( види, mutatis mutandis, Veznedaroğlu v. Turkey, бр.32357/96, § 31, 11 април 2000; Assenov and others, цитирана погоре, § 92).
  5. Како заклучок, а со оглед на фактот што доказите пред Судот не дозволија да се утврди над сите основани сомневања дека жалителот бил предмет на физичка и ментално малтретирање за време на приведувањето во полицијата, Судот смета дека тоа е недоволен доказ  да се заклучи дека постои повреда на член 3 од Конвенцијата во врска со наводното нечовечко и деградирачко однесување.

 

2.    Во врска со наводниот недостаток на ефикасна истрага

 

(а) Генерални принципи

 

  1. Судот повторува дека кога поединец дава веродостојна изјава дека истиот претрпел третман спротивен на член 3 од страна на полицијата или други слични државни службеници, таа одредба, гледана во врска со генералната обврска на државата под член 1 од Конвенцијата „на сите лица под нивна надлежност да ги обезбеди правата и слободите утврдени во ... Конвенцијата„ подразбира дека ефикасна официјална истрага мора да има. Во врска со истрагата под член 2, таква истрага треба да биде способна да доведе до идентификација и казнување на одговорните лица. Инаку, генералната законска забрана за тортура и нечовечко и деградирачко однесување и казна, покрај нејзината основна важност,  во пракса би била неефикасна и би било можно во одредени случаи државните службеници да го злоупотребат тоа право, без никаков ризик да бидат казнeти.( види Corsacov v. Moldova, бр.18944/02, § 68, 4 април 2006; Labita, цитирана погоре, § 131, ЕСЧП 2000-IV; McCann and others v. the United Kingdom, пресуда од 27 септември 1995, серија А, бр.324, стр.49, §  161; Kaya v. Turkey, пресуда од 19 февруари 1998, Извештај 1998-I, стр.324, § 86; Yaşa v. Turkey, пресуда од 2 септември 1998, Извештај 1998-IV, стр.2439, § 98).
  2. Истрагата мора да биде темелна, доколку се работи за сериозни тврдења за нечовечко и деградирачко постапување. Тоа значи дека надлежните органи мора секогаш да направат обиди да откријат што се случило и не треба да се потпрат на нагли (брзи) или неосновани заклучоци, за да ја затворат истрагата или да ги искористат како основа за нивните одлуки ( види Assenov and others, цитирана погоре, § 103). Тие треба да ги направат сите разумни чекори кои им се на располагање, за да ги обезбедат доказите релевантни за инцидентот, вклучувајќи ги, inter alia, сведочењата на очевидците и вештачењата (види Tanrikulu v. Turkey, бр. 23763/94, ЕСЧП 1999-IV, § 104 и Gül v. Turkey, бр.22676/93, § 89, 14 декември 2000). Било каков недостаток во истрагата кој ја поткопува способноста да се утврди причината за повредите или идентитетот на одговорните лица, ќе доведе до опаѓање на овој стандард (види Boicenco, цитирана погоре, § 123).
  3. На крај, истрагата треба да биде експедитивна. Во случаите под член 2 и 3 од Конвенцијата, каде ефикасноста на официјалната истрага е предмет на разгледување, Судот често оценува дали надлежните органи постапувале соодветно на жалбите во тој релевантен период (види, помеѓу другото Labitа, цитирана погоре, § 133).

 

(б) Примена на овие принципи во конкретниот предмет

 

  1. Судот го смета за несомнен фактот дека жалителот поднел кривична пријава до јавниот обвинител и дека поднел тужба за надомест на штета по повеќе од еден месец од критичниот настан (види парагрАф 17 и 22 погоре). Жалителот не дал никакво објаснување за тоа одлагање. Понатаму, Судот прифаќа дека идентитетот на извршителите во тој период бил непознат за него. Како и да е, не може да се најде логично објаснување за неуспехот на жалителот да го информира јавниот обвинител за идентитетот на полицајците кои го уапсиле во барот, што било утврдено во граѓанската постапка. Жалителот не успеал да ја обезбеди  оваа информација во два наврати: во неговиот допис од 25 октомври 1999 година и во барањето за заштита на законитоста од 4 февруари 2000 (види параграф 19 и 28 погоре). Како и да е, и покрај овој неуспех, Судот укажува дека адвокатот на жалителот поднел кривична пријава во врска со наводната полициска бруталност, при што во прилог ја доставил медицинската потврда. Во овие околности, доволно е што предметот бил земен во разгледување од домашните органи и Судот е задоволен дека покренало барем основано сомневање дека повредите на жалителот би можеле да бидат предизвикани од третманот кој го претпрел за време на приведувањето во полицијата. Како такво, јавниот обвинител имал обрска да истражи дали било сторено одредено кривично дело. Во овој поглед, особено е важно што јавниот обвинител не превзел никакви истражни мерки по приемот на кривичната пријава, доставена од адвокатот на жалителот. Судот утврдува дека домашните органи не превзеле никави чекори да идентификуваат кој бил присутен за време на приведувањето на жалителот или кога ги здобил повредите, или пак дали постојат индиции дека постојат сведоци, засегнати полициски службеници, или доктор, кој го прегледал жалителот, кои би биле испитувани во врска со повредите на жалителот. Понатаму,  јавниот обвинител не превзел чекори да најде било каков доказ кој ќе ги потврди или негира наводите на жалителот во врска со наводното нечовечко постапување. Навистина, единствената истражна мерка превземена од обвинителот била неговото барање за дополнителни известувања поднесена до Министерството. Оваа истрага била направена една и пол година по поднесената кривична пријава.
  2. Дополнително, неактивноста на јавниот обвинител спречила поведување на постапка од страна на жалителот како субсидијарен тужител и му го попречил пристапот до следната постапка пред надлежниот суд (Види Aksoy v. Turkey, пресуда од 18 декември 1996, Извештај 1996-VI, § 98). Жалителот сеуште е спречен од покренување на истрага, поради тоа што јавниот обвинител сеуште нема донесено решение за одбивање на кривичната пријава.
  3. Во овие околности, земајќи го во предвид недостатокот од било каква истрага во врска со наводите на жалителот дека бил предмет на нечовечко и деградирачко однесување од страна на  полицијата за време на приведувањето, Судот утврди дека во конкретниот случај постои повреда на член 3 од Конвенцијата.

 

II НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА

 

  1. Жалителот понатаму се жалел дека тој немал на располагање ефикасен правен лек против неуспехот на домашните органи ефикасно да ги истражат неговите тврдења за малтретирање, спротивно на член 13 од Конвнецијата, а во врска со член 3. Член 13 гласи:

 

„Секој чии права или слободи определени во Конвенцијата се повредени ќе има ефективен лек пред домашните орган, без оглед на тоа што повредата била сторена од лица кои вршеле службена должност.„

  

  1.  Земајќи ги предвид основите врз основа на кои утврди повреда на процедуралниот аспект од член 3, Судот смета дека не треба да се покрене посебно прашање под член 13 од Конвенцијата (види Kazakova v. Bulgaria, бр.55061/00, § 70, 22 јуни 2006; Bekos and Koutropolous v. Greece, бр.15250/02, § 57, ЕСЧП 2005).

 

III ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА

 

  1. Член 41 од Конвенцијата определува:

 

„Кога Судот ќе оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на протоколите, и доколку внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумна репарација на штетата, тогаш доколку е тоа неопходно, Судот ќе му додели правична оштета на оштетениот.„

 

А. Штета

 

  1. Жалителот побарал 35.000,- Евра во врска со надомест за нематеријалната штета за болката, психичките повреди, фрустрација, маката и беспомошностa кои ги претрпел како резултат на малтретирањето од страна на полицајците, додека бил во многу ранлива позиција, т.е. на милост на полицајците. Тој исто така, упатува на текот на истрагата спроведена од страна на домашните органи. Со оглед на тоа што по осум години од поднесената кривична пријава не биле превземени никакви законски дејствија, тој продолжува да укажува дека полицајците биле над законот и дека правдата била недостапна. Жалителот понатаму, упатува на неговото Ромско потекло, истакнувајќи дека неговиот предмет не е единствен во Република Македонија.
  2. Владата приговараше на барањето на жалителот како прекумерно. Владата упати дека на одлуките на домашните судови во кои било утврдено дека жалителот бил повреден во барот, пред полициската интервенција. Медицинската потврда покажале дека повредите биле од минорна природа. Иако, следната истрага била во застој подолго време и не дала резултати, Владата му предложи на Судот да смета дека евентуално утврдување на повреда, ќе создаде доволна компензација сама по себе за било каква штета во конкретниот предмет.
  3. Судот утврдува дека домашните органи на тужената држава го повредиле член 3 поради нивниот неуспех да ги истражат наводите на жалителот за полициската бруталност. Тие не донеле никаков заклучок за суштината на кривичната пријава. Судот утврдува дека констатираната повреда на член 3 во нејзината процедурална основа не може да биде искажана во околности под кои ќе создаде доволна компензација сама по себе за било каква нематеријална штета претрпена од жалителот. Во овој поглед, жалителот мора да претрпел одреден степен на фрустрација и болка во врска со недостатокот на грижа прикажан од страна на домашните органи во врска со неговата кривична пријава. Правејќи оценка на рамноправна основа, Судот му доделува на жалителот сума од 3.000,- Евра, плус било какви такси кои би можеле да се наплатат.  

 

Б. Трошоци и надоместоци

 

  1. Жалителот барал 16.605,- Евра за трошоци и надоместоци сторени од страна на на ЕРРЦ во постапката пред Судот. Ова вклучува такса за двајца адвокати кои работеле 214 часа на предметот во врска со правни прашања и администрација. Таксата се однесувала на активностите на ЕРРЦ сторени од 14 ноември 2005 и 7 јуни 2006 година и за патувања поврзани со јавната расправа.
  2. Жалителот понатаму побарал 4.148,- Евра за трошоци и надоместоци сторени од страна на македонскиот адвокат во домашните постапки и оние пред Судот. Ова вклучува такса за 92 часа работа на адвокатот за правна работа, согласно Адвокатскиот трошоковник на Адвокатската Комора на Република Македонија и трошоците направени за патувањето и сместувањето во врска со јавната расправа. Била приложена листа за трошоците наведени погоре.
  3. Полномошниците на жалителот побараа овие трошоци да бидат исплатени директно на нив, поради тоа што жалителот не им надоместил никакви финасиски средства за време на постапката. Тие не ги доставиле нивните банкарски сметки.
  4. Владата истакна дека сумите наведени од страна на ЕРРЦ за активностите во врска со периодот кој е споменат погоре, биле прекумерни, ако се земе во предвид економската состојба во Република Македонија. Понатаму, противејќи се на ангажманот на двајца адвокати од ЕРРЦ, тие го повикаа Судот да ги утврди трошоците и надоместоците на рамноправна основа. Во врска со трошоците побарани од македонскиот адвокат, Владата смета дека неговиот износ е разумен, со оглед на 8 годишниот период на постапување.
  5. Во согласност со востановената судска пракса, жалителот има право на надомест за неговите трошоци доколку било докажано дека истите фактички се направени, неопходно сторени и биле разумни (види Editions Plon v. France, бр.58148/00, § 64, ЕСЧП 2004-IV). Во конкретниот предмет, земајќи ги во предвид расположивите информации и наведениот критериум, Судот утврди дека побараната сума од ЕРРЦ е прекумерна со оглед на периодот кој е земен во предвид и наместо тоа, досудува износ од 5.000,- Евра за да ги покријат трошоците и надоместоците. Со оглед на тоа што Владата не приговараше на трошоците побарани од македонскиот адвокат, му ја доделува целата сума која беше побарана од него. Овие износи треба да бидат платени во банкарските сметки на полномошниците на жалителот, не вклучувајќи било какви такси кои можат да бидат наплатени.

 

В. Законска камата

 

  1. Судот смета за соодветно дека затезната камата треба да се исплати според најниската каматна стапка за позајмени средства на Европската Централна Банка, на која треба да се додадат 3%.

 

 

 

ПОРАДИ ГОРЕНАВЕДЕНИТЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО

 

  1. Утврди дека не постои повреда на член 3 од Конвнецијата во врска со наводното нечовечко и деградирачко однесување;
  2. Утврди  дека постои повреда на член 3 од Конвнецијата во врска со неуспехот на надлежните органи да обезбедат ефикасна истрага во врска со тврдењата на жалителот дека бил подложен на нечовечко и деградирачко однесување во полицијата;
  3. Утврди дека не е потребно да се разгледува жалбата на жалителот за недостатокот на ефикасен правен лек од член 13 од Конвенцијата.
  4. Утврди

(а) дека одговорната држава треба да му плати на жалителот, во рок од 3 месеци од конечноста на пресудата, во согласност со член 44 § 2 од Конвенцијата, 3.000,- Евра (три илјади евра) за нематеријална штета, при што истите да бидат претворени во национална валута на одговорната држава по курс на денарот на денот на исплатата, плус било какви такси кои би можеле да бидат наплатени;

(б) дека одговорната држава е должна на полномошниците на жалителот, да им ги плати во рок од 3 месеци од конечноста на пресудата во согласност со член 44 § 2 од Конвенцијата, следните износи:

            (i) 5.000,- Евра (пет илјади евра) за трошоци и надоместоци 

               сторени од ЕРРЦ;

            (ii) 4.148,- Евра (четири илјади сто четириесет и осум евра)

                за трошоци и надоместоци на македонскиот адвокат;

            (iii) било какви такси кои би можеле да бидат наплатени на

                 горенаведените суми;

(в) по истек на рокот од 3 месеци спомнат погоре, во кој треба да се исплати сумата, ќе се засметува камата на споменатиот износ, по стапка еднаква на најниската стапка за позајмени средства на Европската Централна Банка, за периодот до плаќањето плус 3%.

 

  1. Го отфрла остатокот од барањето на жалителот за правичен надомест.

 

Изготвена на англиски, и објавена на 15 февруари 2006, согласно член 77 §§ 2 и 3 од Деловникот за работа на Судот.

 

     Vincent Berger                                                      Boštjan M. Zupančič

         Секретар                                                                        Претседател