ЕВРОПСКИ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

ПЕТТИ ОДДЕЛ

 

ОДЛУКА

ЗА ДОПУШТЕНОСТ НА

Апликацијата бр. 60855/00

Од Реџеп БЕРИША и други

Против Република Македонија

 

 

 

 

Напомена: Македонскиот превод на текстот на одлуката на Европскиот суд за човекови права е исклучиво информативен и од него не произлегуваат никакви права и/или обврски. Единствено официјалниот текст на одлуката на Европскиот суд за човекови права на англиски и/или француски јазик, објавена од страна на Судот е автентичен и се смета за оригинал. Не е дозволено објавување на овој превод на било каков начин без претходна дозвола од страна на Министерството за правда на Република Македонија, освен во случај доколку се користи за информирање.

Европскиот суд за човекови права (Трети оддел), на 10 март 2005, заседавајќи во совет составен од:

Г-дин B.M. Zupancic претседател,

Г-дин J. Hedigan,

Г-дин C. Birsan,

Г-ѓа M. Caca-Nikolovska,

Г-ѓа R. Jaeger,

Г-дин E. Myjer,

Г-дин David Thor Bjorgivnsson, судии,

  и г-дин V. Berger, секретар на одделот,

Имајќи ја во предвид апликацијата наведена погоре, вложена на 12 септември 2000 година,

Имајќи ја во предвид времената мерка наложена на одговорната Влада според членот 39 од Деловникот на Судот како и фактот дека времената мерка била извршена,

Имајќи ги во предвид обсервациите поднесени од страна на одговорната Влада и обсервациите доставени како одговор од страна на жалителот,

Заседавајќи, го одлучи следното:

 

 

ФАКТИ

Жалителите се Реџеп и Џезиде Бериша (маж и жена), Џафер, Шание и Јашар Бериша (маж, жена и син). Тие се државјани на Југославија од ромско потекло, родени во 1972, 1972, 1956, 1956 и 1982 соодветно. Тие се претставени пред Судот од страна на г-дин Зоран Гавриловски и г-дин Шабан Салиу, адвокати од Скопје.

А. Околности на случајот

Фактите на овој случај, онака како што се доставени од страна на странките, можат да се сумираат на следниов начин:

1.            Видувањето на Реџеп и Џезие Бериша на ситуацијата во Косово

Реџеп Бериша, неговата сопруга Џезиде и нивните четири малолетни деца морале да го напуштат Косово бидејќи биле под постојана закана, а во неколку наврати биле и нападнати од страна на членови на Косовската Ослободителна Армија (ОВК).

Најтрагичниот настан се случил на 13 јуни 1999  година, кога педесет до шеесет вооружени луѓе, носејќи униформи на ОВК им се заканиле со смрт и им наредиле да го напуштат домот. Еден од овие луѓе го земал нивното бебе кое било само неколку месеци старо и кажал дека ќе го фрли на подот “исто онака како што се фрлале албанските бебиња“. Таткото на Реџеп Бериша и неговиот брат биле исто така истепани.

Следната ноќ,  Реџеп Бериша и неговите соседи, со оглед на тоа што организирале ноќни смени за да ги заштитат своите семејства, Реџеп Бериша бил прободен во грбот додека бил на стража. Тој бил погоден во десното рамо и во главата и ја загубил свеста. Подоцна го пронашол пријател и бил транспортиран од страна на КФОР во болница во Призрен. Лицата одговорни за нападот никогаш не биле прнајдени.

Плашејќи се од постојан прогон од страна на ОВК, Реџеп Бериша и неговото семејство го напуштиле Косово и влегле во Република Македонија на 11 јули 1999.

 

2.            Видувањето на Џафер, Шание и Јашар Бериша за ситуацијата на Косово

Првите двајца жалители се маж и жена, а третиот жалител е нивниот син. Тие порано живееле во Приштина, каде биле постојано под закан од страна на членовите на ОВК.

Во јули 1999 година, лица во униформи на ОВК дошле во соседството на жалителите, влегле во нивната куќа, ги впериле своите пушки во нив и се заканиле дека ќе ги убијат доколку не ја напуштат куќата во рок од еден час. Тие веднаш ја напуштиле својата куќа и побегнале во Косово Поље каде биле привремено сместени. Тие исто така сретнале многу Романци кои биле наводно тепани од страна на луѓето во униформи на ОВК.

На 26 јули 1999, жалителите влегле во Република Македонија.

3. Ситуацијата на сите жалители по напуштањето на Косово

По нивното пристигање, Министерството за внатрешни работи им дало на жалителите статус на времено хуманитарно згрижени лица.

На 4 август 2000, жалителите биле уапсени во обид да го преминат граничниот премин Деве Баир помеѓу Република Македонија и Република Бугарија со фалсификувани пасоши. Тие биле обвинети за фалсификување на службени исправи (член 378 од Кривичниот Законик).  Во 7 часот наутро, истиот ден, жалителите се појавиле пред судија на Основниот суд во Крива Палнка. Со оглед на тоа што жалителите изјавиле дека дека немаат средства да ангажираат адвокат, судијата има назначил адвокат по службена должност. Владата изјавила дека жалителите се сложила расправата да се одржи веднаш со оглед на тоа што тие не сакале подолго да бидат задржувани во притвор.

Главната расправа започнала во 8:30 наутро, на која присуствувале заменик јавниот обвинител, сите жалители, нивниот адвокат и тројца сведоци. Судијата го прашал секој жалител поединечно дали разбира македонски. Тие изјавиле дека разбираат и дека не бараат преведувач од македонски на албански (ромски). Сите изјавиле дека го прифаќаат адвокатот.

За време на постапката, жалителите признале дека со нивно знаење ги употребиле фалисификуваните пасоши со намера да ја напуштат Република Македонија. Жалителите биле прогласени за виновни за фалсификување на службени исправи и осудени на условна казна затвор од шест месеци за период од две години. Судот исто така наредил протерување на жалителите од територијата на државата како безбедносна мерка. Пресудата, изготвена веднаш, гласела дека жалителите, нивниот адвокат по службена должност и јавниот обвинител се откажале од своето право на жалба пред Апелациониот суд, со што пресудата станала конечна. Жалителите биле вратени во бегалски камп во Скопје од страна на полицијата.

На 7 август 2000 , локалната канцеларија на УНХЦР побарала од Министерството за внатрешни работи да не ги протерува жалителите по основ на тоа што тие, со оглед дека се од ромско потекло, ризикуваат да бидат гонети по етничка основа во државата/местото од каде потекнуваат. Копии од ова барање биле доставени до првостепениот суд, Министерството за правда и  Народниот правобранител.

Во меѓувреме, жалителите назначиле друг адвокат. На 8 август 2000, тие вложиле ревизија до Врховниот суд врз основа на тоа дека првостепениот  суд не го земал во предвид фактот  дека ним им бил доделен статус на привремено хуманитарно згрижени лица како и дека нивните животи би се ризикувале доколку бидат депортирани на Косово. Тие исто така се повикале и на Конвенцијата за статусот на бегалците и нејзиниот Протокол од 1967, ратификувани од страна на Република Македонија во 1994, како и на членот 3 од Европската конвенција за човекови права. Жалителите понатаму се жалеле дека немало преведување на расправата на нивниот јазик. Ако се смета дека тие се откажале од своето раво на жалба, тоа се должи на фактот дека, со оглед на тоа што не го знаеле официјалниот јазик на судот, а некои од нив биле и неписмени, тие не разбрале дека таквото откажување значело и нивно протерување од Република Македонија, а нивниот адвокат не ги предупредил за таквите последици.

 

На 30 октомври 2000, адвокатот по службена должност поднел барање за повторно поведување постапка до Основниот суд во Крива Паланка врз основа на членот 392 од Законот за кривична постапка, спорејќи дека извршувањето на мерката безбедност протерување ќе доведе до смрт на жалителите. На 8 ноември 2000, Основниот суд ја прифатил жалбата, поништувајќи ја претходната пресуда од 4 август 2000 и повторно отварајќи ја постапката.

На 17 јули 2001, Реџеп и Џезиде Бериша се пријавиле за доброволна репатријација на Косово. Бил издаден итен патен документ од страна на Амбасадата на Србија. На 18 јули 2001 УНХЦР го информира Министерството за внатрешни работи дека тие се вратиле во Белград и ги вратиле нивните уверенија за привремено хуманирано згрижени лица.

Во присуство на постојниот правен застапник на жалителите се одржале расправа на 7 и 20 март, 25 април 2002, 15 мај 2002, 7 јуни 2002 и 19 јуни 2002.

На 19 јуни 2002, Основниот суд во Крива Паланка ги прогласил жалителите за виновни и им одредил казна затвор од шест месеци условно и наредил одземање на лажните пасоши. Претходната мерка на безбедност протерување била повлечена. Жалителите, Џафер, Шание и Јашар Бериша биле присутни за време на расправите. Реџеп и Џезиде Бериша останале на Косово.

Во отсуство на жалба од обвинителот или жалителите, пресудата станала конечна.

 

Б. Релевантно домашно законодавство

 

1.    Закон за кривична постапка

2.    Членот 352 гласи:

“ (1) Обвинетиот може да се одрече од правото на жалба само откако му е доставена пресудата. Обвинетиот и пред тоа може да се одрече од правото на жалба ако тужителот и оштетениот кога има право да изјави жалба поради стие основи (член 347 став 4) , се одрекле од правото на жалба, освен ако обвинетиот според пресудата би требало да издржува казна затвор. До донесувањето на одлуката на второстепениот суд, обвинетиот може да се откаже од веќе изјавената жалба...

(2) Тужителот и оштетениот можат да се одречат од правото на жалба од моментот на објавувањето на пресудата па до истекот на рокот за изјава на жалба, а можат до донесувањето на одлуката на второстепениот суд да се откажат и од веќе изјавената жалба.

(3) Одрекувањето и откажувањето од жалбата не може да се отповика.“

Членот 392 гласи:

“(1) Кривичната постапка завршена со правосилна одлука може да се повтори во корист на осудениот ако...

(4) се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што самите за себе или во врска со поранешните се подобрни да причинат ослободување на лицето што е осудено или негова осуда по поблаг кривичен закон.

Членот 411 гласи:

(1)    Обвинетиот што правосилно е осуден на казна затвор или малолетнички затвор може да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда поради повреда на законот во случаите предвидени со овој закон.

(2)    Барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда се поднесува во рок од еден месец од денот кога обвинетиот ја примил правосилната пресуда.

(3)    Обвинетиот што не користел редовен правен лек против пресудата не може да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда освен ако со пресудата на второстепениот суд наместо ослободување од казна, судска опомена, условна осуда или парична казна е изречена казна затвор, односно наместо воспитна мерка – казна малолетнички затвор.

Ревизијата не го суспендира извршувањето на конечната одлука, освен доколку Врховниот суд не одлучи поинаку.

2. Закон за движење и престој на странци

Членот 33 пропишува дека за извршување на анредбата за протерување одлучува Министерот за внатрешни работи. Против одлуката на министерот може да се вложи жалба, но тоа не го спречува извршувањето на решението.

Членот 39 пропишува дека нема да се иврши присилно отстранување на странец од територијата на државата доколку неговиот живот е во опасност поради расна, религиозна или национална припадност, политички убедувања или доколку може да биде изложен на тортура или нечовечки третман.

 

ЖАЛБА

 

1.          Жалителите се жалеле по членот 2 од Конвенцијата дека нивниоте животи ќе бидат доведени во опасност од страна на вооружени групи дококлу бидат депортирани на Косово, како и според членот 3, дека се соочуваат со реален ризик да бидат подложени на третман спротивен на овој член од страна на истите групи.

2.          Жалителите се жалеле сопред членот 13 од Конвенцијата дека биле лишени од ефективна заштита на нивното право да останат во земјата.

3.          Во врска со кривичната постапка, жалителите се жалеле според членот 6 став 3 (в) од Конвенцијата, во однос на тоа дека не им била обезбедена соодветна правна помош, а особено во однос на тоа дека тие се откажале од своето право на жалба против одлуката на првостепениот суд, а нивниот адвокат по службена должност не ги предупредил за последиците. Тие исто така се жалеле и според членот 6 став 3 (б) од Конвенцијата дека немале соодветно време и адекватни услови да ја подготват својата одбрана со оглед на тоа што биле осудени истиот ден кога биле и уапсени. Тие понатаму се жалеле и според членот 6 став 3 (д) на Конвенцијат дека не им бил обезбеден превод. Во своите обсервации како одговор на Владата, од 23 јануари 2001, застапникот на жалителите  се повикал и на членот 6 став 3 (а), со оглед на тоа што судските списи не индицираат дека жалителите го примиле обвинителниот акт, што е важна процедурална гаранција.

4.          Во својот поднесок од 9 ноември 2001, застапникот на жалителите се осврнал на скорешното повторно поведување на кривичната постапка и се жалел дека властите не обезбедиле фер судење во разумен рок, со оглед на тоа дека повторната постапка била предмет на неразумно долого одложување.

 

ПРАВО

 

1.           Жалителите се жалеле и според членовите 2 и 3 од Конвенцијата , дека би биле изложени на опасност од смрт и нечовечно постапување доколку би биле протерани на Косово.

 

Член 2

 

“Правото на живот на секој човек е заштитено со закон. Никој не смее намерно да биде лишен од живот, освен при извршување на судска пресуда со која лицето е прогласено за виновно за извршување на деликт, санкциониран со ваква казна.“

 

Член 3

 

“Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко  постапување или казнување.“

 

Судот забележува дека Реџеп и Џезиде Бериша доброволно се вратиле во Белград, како и дека нивниот застапник во писмото од 9 ноември 2001 останал само при жалбите според членот 6 од Конвенцијата. Со оглед на тоа што тие ги повлекле жалбите според наведените одредби, Судот смета дека е непотребно жалбата да се испитува понатаму.

 

Што се однесува до останатите тројца жалители кои останале во Република Македонија, се чини дека мерката протерување била поништена со одлука на Основниот суд во Крива Паланка од 8 ноември 2000, како и дека , по повторувањето на кривичната постапка не била одредена мерка протерување. Оттука, жалителите продолжиле со престојот во Македонија согласно статусот на привремено хуманитарно згрижени лица со оглед на тоа што немало мерка протерување наменета за нив. Следи дека овој дел од жалбата мора да биде одбиен како очигледно неоснован согласно членот 35 ставови 3 и 4 од Конвенцијата.

 

2.            Жалителите се жалеле дека немале ефикасен правен лек во однос на протерувањето кое им се заканувало. Членот 13 од Конвенцијата пропишува:

 

 “ Секој, чии права и слободи определени во Конвенцијата се повредени ќе има ефективен лек пред домашните органи, без оглед на тоа што повредата била сторена од лица кои вршеле службена должност.“

 

Според праксата на Судот, оваа одредба се применува само кога лицето дава “разумно тврдење“ дека било жртва на повреда на правата од Конвенцијата (Boyle and Rice v. The United Kingdom, пресуда од 27 април 1988, серија А, бр. 131. став 52).

 

Во горниот случај Судот утврдил дека суштинската жалба е очигледно неоснована. Од слични причини, жалителите немале “разумно барање“ и оттука членот 13 е неприменлив во случајов.

Следи дека овој дел од жалбата е исто така очигледно неоснован во смисла на член 35 став 3 од Конвенцијата и мора да биде одбиен според член 35 став 4.

3.           Жалителите се жалеле на различни аспекти на своето судење од 4 август 2000.

Членот 6 пропишува:

 

“ 1. Секој...кога е кривично гонет, има право на правично и јавно судење во разумен рок , пред независен и непристрасен трибунал основан со закон...“

3.    Секој кривично обвинет ќе ги има следниве минимални права:

а. Да биде веднаш детално известен, на јазикот што го разбира, за природата и основата на обвинението против него;

б. Да има доволно време и адекватни услови за да ја подготви својата одбрана;

в. Да се брани самиот или од страна на бранител по свој избор, или доколку не располага со средства за бранител, да добие бесплатен службен адвокат кога интересите на правдата тоа го бараат;

....

д. бесплатно да добие преведувач доколку не го разбира или не го зборува службениот јазик на судот.

 

 

 

а) Поднесоци на странките

 

Владата поднела дека на жалителот му бил обезбеден адвокат согласно членот 6 став 3 (в) и одрекла дека било каков проблем произлего од квалитетот на застапникот, нагласувајќи дека адвокатот по службена должност всушност иницирал повторно отварање на постапката. Тие спореле дека жалителите имале доволно време и адекватни услови да ја подготват својата одбрана, нагласувајќи дека тие го признале делото сторено со нивна волја, како и дека во ниеден момент не поднеле дека се потребни други сведоци или докази. Владата прифатила дека не бил обезбеден преведувач, но тоа било така затоа што жалителите, кога биле испрашувани од страна на судијата, индицирале дека тие разбираат македонски и дека немаат потреба од преведувач.

 

Жалителите поднеле дека нивниот застапник по службена должност пропуштил да приговори на барањето за мерка протерување од страна на обвинителот, како и дека не ги предупредил жалителите на последиците од откажувањето на правото на жалба. Оттука, ним не им биле обезбедени со соодветна одбрана спротивно на членот 6 став 3 (в). Тие спореле дека со одржување на судењето во истиот ден, тие биле лишени од заштита на своите права со тоа што адвокатот по службена должност   немал доволно време да ги простудира списите и да се подготви за расправата. Ова е во спротивност со членот 6 став 3 (б). Тие поднеле дека Основниот суд не обрнал доволно внимание на недостатокот од активно познавање на македонскиот јазик на жалителите со што се прекршува членот 6 став 3 (д). Фактот што тие ги разбрале обвиненијата , кои можеле да им  бидат објаснети и на нивниот јазик од страна на полицијата или на други лица, не имплицира дека тие морале да разбираат македонски јазик. Доколку го разбирале, тие сигурно не би се откажале од своето право на жалба, кое резултирало со закан од протерување. Застапникот на жалителите исто така се повикал на членот 6 став 3 (а), спорејќи дека не произлегува од списите дека жалителите го примиле обвинението пред расправата, што е значајна процедурална заштита според домашното право.

 

б) Оценка на судот

 

Во случајов, Судот забележува дека осудата и казните за жалителите изречени од страна на Основниот суд во Крива Паланка на 4 август 2000, биле поништени на 8 ноември 2000. Оттука, тие не можат повеќе да тврдат дека се жртви на дефектите во тие постапки. Слични жалби не биле поднесени во врска со втората постапка во која жалителите биле застапувани од страна на адвокат по сопствен избор и имале преведувач.

 

Следи дека овој дел од жалбата мора да биде одбиен како очигледно неоснован согласно членот 35 ставови 3 и 4 од Конвенцијата.

 

4.    Конечно, жалителите се жалеле дека повторното отварање на кривичната постапка  го надминале разумниот рок, повикувајќи се на членот 6 став 1 од Конвенцијата  (наведено погоре).

 

Судот потсетува дека одлуката да се повтори постапката била донесена на 8 ноември 2000. Расправите се одржувале од март до јуни 2002, завршувајќи со одлуката на Основниот суд од 19 јуни 2002 со која жалителите биле осудени и им била изречена условна казна затвор во времетраење од две години , без мерка протерување. Оттука, повторно отворената постапка траела преку една година и седум месеци. Иако се чини дека имало одредено одложување во закажувањето на расправите,  кога започнала постапката таа течела без одложување.  Судот не е убеден во околностите на случајот во однос на тоа дека жалителите биле подложени на одложена или пролонгирана несигурност во однос на нивната ситуација и не смета дека постапката го надминала барањето за разумен рок според членот 6 став 1 од Конвенцијата.

Следи дека овој дел од жалбата мора да биде одбиен како очигледно неоснован согласно членот 35 ставови 3 и 4 од Конвенцијата.

 

Од овие причини, Судот едногласно

 

Ја прогласи жалбата за недопуштена.

 

Vincent Berger                                                        Boštjan M. Zupančič   Секретар      Претседател